Во организација на Националната установа Центар за култура Крива Паланка синоќа се одржа промоција на книгата „Последната книга на планетата земја” од младиот автор, Филип Петровски од Куманово.

Романот е втора книга проза на Петровски, која за разлика од првата психолошко- филозофска, е научно-фантастичен трилер, со елементи на авантуристички роман.

– Ова е дело со пост-апокалиптична тематика, говори за блиската иднина во која луѓето се опседнати со паметни телефони и мислат дека интернетот им носи олеснувања и придобивки, но во нив се вградени чипови и тие се контролираат во секое движење. Главниот лик интуитивно сака да ги спаси, но до последните страници не се знае кој и дали ќе преживее. Книгата упатува на човечноста во човекот, на човекољубието, изјави авторот Петровски.

Тематиката е современа, а научно-фантастичното што провејува во книгата, на промоцијата беше надополнето со музичката изведба.

Филип Петровски е роден во Куманово во 1993 година, дипломирал на Факултетот за музичка уметност, фаготист, а „Последната книга на планетата земја” премиерно беше промовирана во декември 2018 година. Петровски е автор на уште една книга, „Светот во световите”.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/04/2019 12:53