Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) вечер од 20 часот во галеријата на Младинскиот културен центар ќе ја отвори изложбата „Молк за …“ – трета од проектот „Поместени граници“.

На изложбата ќе учествуваат автори членови на ДЛУМ, како и гости од странство: Моника Мотеска, Зорица Зафировска, Нехат Беќири, Андреј Митевски, ОПА, Антонио Пирковски и Лени вон Гелева, Никола Узуновски, Софија Григориаду од Грција и Ремијон Проња од Албанија.

Според организаторот, насловот упатува на молкот во општеството, а идејата е да бидат претставени автори што се занимаваат со концептуална уметност и кои имаат храброст, желба и надеж нешто да се промени.

Кураторот на изложбата Александра Зиновски-Вилиќ вели дека проектот има концептуален карактер, односно се занимава со промислување, преиспитување, анализирање, критикување, лично видување/чувствување на стварноста.

– Проектот „Поместени граници“ се стреми да го надмине традиционалниот модерен приказ во ликовната уметност со тоа што додавајќи му концепт на делото кој говори преку една можеби препознатлива идеја, прави обид да ги претстави и доближи кон пошироката публика новите аспекти на уметничкото истражување на различни начини, истакнува Зиновски-Вилиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2019 16:06