УНЕСКО ја прогласи 2019-та за меѓународна година на автохтоните јазици со цел да се заштити културата, идентитетот и правата на различностите во светот. Земјите членки на оваа организација на ОН ја прославуваат книгата како моќно средство во борбата со неписменоста и незнаењето, сиромаштијата и нетолеранцијата.

Во НУБ „Св. Климент Охридски“, како и во библиотеките низ светот, денеска беше обележан Светскиот ден на книгата и авторското право со читање на светската порака, годинава напишана од генералниот директор на УНЕСКО Одре Азуле, поранешна министерка за култура на Франција, и националната порака која за 2019-та ја напиша нашиот познат режисер и писател Милчо Манчевски.

Билјана Прентоска, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, рече дека на овој ден се изразува почит кон авторите од нашата и од сите земји во светот кои со своите дела изградиле мостови кон минатото и иднината, мостови кон различните светови и култури, без разлика на припадностите.

-Современите предизвици со кои се соочуваат авторите, книжевниот и издавачкиот сектор, библиотеките, како што е дигитализацијата, наметнуваат потреба од нови иницијативи, стратегии и механизми на национално и меѓународно ниво, во насока на спроведување на конвенциите и меѓународните документи за заштита на авторскиот труд и обезбедување поголема достапност на книгите до читателите и градење читателска публика. Овие предизвици остануваат наша должност и обврска, рече Прентоска.

Светскиот ден на книгата НУБ неколку години го одбележува во соработка со Амбасадата на Шпанија, затоа што токму од Каталонија е обичајот на овој ден да се подаруваат книга и роза.

Шпанскиот амбасадор Емилио Лоренсо Сера истакна дека книгата ни помага да се пронајдеме себеси, а нејзиното значење е уште поголемо денес, рече тој, „во турбулентни времиња на лажни вести и пропаганда“.

Во НУБ беше отворена и изложба на фотографии „Шпански градови со светско културно наследство“, Универзитетот „Конфуциј“ организираше презентација на кинеската фолклорна уметност, а во музичката програма настапи хорот „Св. Злата Мегленска“.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2019 16:56