Библиотеките во Делчево и Пехчево по повод одбележувањето на Светскиот ден на книгата ги наградија своите најдобри читатели. Како што информираше директорката на библиотеката „Илинден“ Билјана Петровска, по тој повод во Делчево награди добија три читатели.

-Доделивме награда за најмлад читател на годината која и припадна на Бојана Трајковска, додека Гордана Багевска и Лимонка Арсовска ја добија наградата за читатели на годината во категоријата за возрасни. Во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на книгата награди добија и тројца учесници со нивните ментори кои имаа најдобри творби на конкурсот „Книгата има душа“, рече Петровска.

Наградената Лимонка Арсовска од Делчево нагласи дека со книгата другарува уште од мали нозе.

-Јас сум 73 години и со книгата опстојувам толку време. Затоа на младите им порачувам да читаат, бидејки книгата е најдобриот пријател на човекот, рече Арсовска.

Во пехчевската библиотека „Кочо Рацин“ исто така се наградуваа читателите кои прочитале најмногу книги.

-Наградивме 60 читатели, од кои 10 се читатели со рекорден број прочитани книги, а останатите 50 се прогласени за читатели рекордери, информираше библиотекарот Габриела Костадинова.

Како дел од одбележувањето на Светскиот ден на книгата, библиотеката „Кочо Рацин“ додели подарок книги на сите свои соработници, кои со години наназад се придружници на библиотеката во организирањето на голем број културни манифестации.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/04/2019 18:48