Во чест на Горан Стефановски, на денот на неговото раѓање, 27 април, в сабота напладне во паркчето спроти ресторанот „Наџак“ (Идадија) во Дебар Маало ќе биде засадено дрво, ќе бидат прикажани негови фотографии, интервјуа, предавања, ќе се слуша неговата најомилена музика, а сите што сакаат ќе може на „отворен микрофон“ да кажат некоја приказна или анегдота поврзана со нашиот познат драмски автор.
Настанот е на иницијатива на МАНУ и организиран од семејството Стефановски и Општина Центар. Насловен е „Прослава на животот на Горан Стефановски“ и замислен како негово духовно враќање дома. Ќе се одржи во Дебар Маало зашто токму покојниот писател и професор има удел во неговото креирање како култно место. Симболиката на Дебар Маало е во тоа што беше животно и духовно, а особено книжевно врзано со работата и животот на Стефановски.
– Прославата на животот на Стефановски е предвидена како мал увид во неговиот личен, семеен и творечки живот. Јавноста го знае како познатиот драмски писател, есеист и мудрец, кој низ град одеше пеш со насмеано лице, но ова ќе биде можност неговата фамилија и блиски пријатели да ја претстават неговата друга страна, како татко, сопруг, дедо и фанатик на „Битлси“, преку проекција на фотографии од неговото најрано детство до крајот на животот, проекции на видеоинтервјуа, говори и кратки семинари водени од него, видеа и фотографии од претстави по неговите текстови, во соработка со Драмскиот театар и ФДУ, соопштија организаторите на настанот.
Горан Стефановски (1952-2018) почина по кратко боледување на 66 години во Кентербери, Велика Британија. За дописен член на МАНУ беше избран во 2004 година, а беше и долгогодишен член на Македонскиот ПЕН-центар. Стефановски беше професор на Факултетот за драмски уметности и од 2000 година – професор на Универзитетот во Кент, Англија.