Во придружната програма на 22. Скопски филмски фестивал се одржува работилницата „Умешноста на добриот пичинг: подготовка и пракса“, која ја организира МЕДИА Деск МК – „Креативна Европа“ во соработка со Агенцијата за филм.
Работилницата ја води Брајан Мекгил, шкотски сценарист, консултант и професор кој повеќе од 25 години пишува ТВ-серии за британска и за француска телевизија, меѓу кои и наградуваната серија „Taggart“.
Мекгил работи како скрипт-доктор, бил тутор за пичинзи на програмата ENGAGE – поддржана од „Креативна Европа“ МЕДИА и читач на сценарија во Ирскиот филмски совет.
Во својата кариера Мекгил има добиено награда од сер Шон Конери, соработувал со продуцентите на филмот „Седум“ и предава сценарио и пичинг на Академијата за сценарио во Шкотска, на Универзитетот во Еребро, Шведска, и на Европскиот филмски колеџ во Данска.
– Целта на оваа тренинг-програма е да ги обучи и подготви македонските продуценти, режисери и сценаристи како најдобро да го пичираат својот проект и да се стекнат со конкретни вештини и знаења за овој специфичен дел од продукцијата на еден филм, соопшти Скопски филмски фестивал.