Новата збирка поезија и есеи од поетот, критичар и есеист Санде Стојчевски, „Болката на јаболкото“, ќе биде промовирана вечер од 19 часот во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“.

За новото дело на Стојчевски ќе зборува книжевната теоретичарка Наташа Аврамовска, а промоцијата е дел од низата настани што ги организира Македонскиот ПЕН-центар за да ги популаризира делата на своите членови.

Санде Стојчевски (1948, Студена Бара, Кумановско) е автор на 17 стихозбирки, меѓу кои се: „Кралот на лебедите“; „ Абор гора“ и „Есен во вселената“. Напишал и 14 книги со поетички текстови, есеи, критики и полемики. Во земјава се објавени и неговите избрани дела во шест тома. Во странство, пак, се издадени десет избори од неговата поезија преведена на неколку јазици.

Работел како новинар, уредник во образовната редакција во Радио Скопје, директор на книгоиздателството „Македонска книга“, а бил и главен уредник на книжевното списание „Стремеж“.

Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „Григор Прличев“, „Димитар Митрев“, како и на државната награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2019 17:12