Концерти на „Парусион квартет“, „Боперс“ и „Сетстат“, проекција на документарен филм и работилница за творештвото на врвниот американски композитор Макс Роуч, се само дел од програмата на годинашниот фестивал „Today it’s all about jazz“ што ќе се одржи во Младинскиот културен центар на 30 април.

Во рамки на фестивалот кој почнува од 15 часот и ќе трае цел ден, концерти ќе одржат и студентите од Џез-катедрата на Факултетот за музичка уметност, Биг-Бендот на ЗЏМ со Џон Илија Апелгрен како вокален солист, како и новиот квинтет „Проект 5“ (Иван Иванов – тенор саксофон, Армент Џафери – гитара, Џијан Емин – клавијатури / електроника, Оливер Јосифовски – контрабас и Гоце Стевковски – тапани).

Програмата предвидува и дел за најмладите. Всушност, годинашниот трет „Today it’s all about jazz“ ќе почне со работилницата „Џез за деца!“, на која присутните ќе имаат можност да се запознаат со специфичниот инструментариум, како и со дел музиката создавана во различни периоди од историјата на џезот. Проектот подразбира мини-работилници чии носители се истакнати музичари и универзитетски професори: Кирил Кузманов – саксофон, Гордан Спасовски – клавир, Кирил Туфекчиевски – контрабас и Благоја Антовски – тапани и удирачки инструменти.

Работилницатаза Макс Роуч (1924-2007), пионерот на бибапот и еден од најдобрите тапанари воопшто во историјата на џезот, е насловена „Drum talk“, а ќе ја води тапанарот и композитор Дамјан Даневски. Вклучени ќе бидат изведби на стандардни џез-теми, заедно со Гордан Спасовски на пијано и Кирил Туфекчиевски на бас.

Како дел од програмата предвидено е и врачување награда за посебен развој на џез-музиката во земјава. Ќе ја добие Илија Пејовски, композитор, аранжер, еден од пионерите на џез-музиката во Македонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2019 17:27