Во галеријата Даут-пашин амам е поставена ретроспективна изложба на Костадин Танчев-Динка, професор на Факултетот за ликовни уметности, кој со своето повеќедецениско творештво значајно придонесе во развојот на македонската уметничка сцена и афирмираше нови ликовни тенденции, пред сè, во ликовниот дизајн и применетата уметност.

На изложбата која ја организира Националната галерија се претставени 90-ина дела (графики, плакати, слики, логоа) од сите творечки фази на авторот, кого во областа на применетата графика многумина го сметаат за иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации.

Костадин Танчев (1940, Валандово) студирал на Академијата за применета уметност во Белград, а во 1963-1964 година бил на специјализација во Лондон. Од 1969-1970 година работел во секторот за економска пропаганда (маркетинг) во НИП „Нова Македонија“, потоа престојувал во Париз и се претставил во повеќе галерии, а од 1975 година бил раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно-информативниот центар во Скопје.

Од 1985 година е избран за наставник на ФЛУ во Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники, и под негово менторство успешно се одвива наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди. Со студентите од трета и четврта година, на насоката графички дизајн учествувал на поголем број републички конкурси за визуелни комуникации на кои се добиени повеќе награди.

Кустоси на ретроспективната изложба на Костадин Танчев-Динка во Даут-пашин амам се Маја Неделкоска Брзанова, Маја Чанкуловска Михајлоска и Горанчо Ѓорѓиевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2019 01:59