Организаторот на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри 2019“ во Гостивар ги објави имињата на учесниците кои влегоа во финалето. Осумнаесетте поети се кандидати за фестивалските награди на годишново шесто по ред издание на манифестацијата.

Творбите пристигнати на конкурсот ги оценуваше претседателот Виолета Танчева-Златева, поетеса, раскажувач, лектор и член на ДПМ, и членовите Лулзим Хазири, поет, и Гордана Страшевска, професор по македонски јазик.

Финалистите беа избрани во конкуренција од над 160 автори колку што се пријавија на конкурсот. Жири комисијата за овогодинешното издание на „Литературни искри 2019“ ги избра Љубица Шопова од Скопје, Стефан Костоски од Охрид, Димитар Арнаудов од Стојаково, Давче Насевски од Штип, Иван Гачина од Хрватска, Дејан Крстески од Гостивар, Маја Нестороска од Радожда, Ице Беличев од Струмица, Спасија Бежановска од Охрид, Мањола Брахај од Косово, Никола Наумовски од Куманово, Душица Ристовска од Скопје, Јернеј Кустерле од Словенија, Никола Јовановиќ од Србија, Соња Шијаков од Штип, Славица Гаџова-Свидерска од Битола, Емељ Туна од Скопје и Емануела Ковачевска-Китановска од Скопје.

Фестивалот доделува Гран-при, прва, втора и трета награда за најдобар странски автор и најуспешна млада искра.

Шестото издание на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар ќе се одржи на 24 мај, со поетско читање и соопштување на наградените.

Организатор на манифестацијата е Здружението за култура и заеднички вредности „Слово 21“ – Гостивар, со поддршка на Министерството за култура, Општина Гостивар и Центарот за култура АСНОМ од Гостивар.

Поетскиот фестивал се одржува во чест на Денот на сесловенските просветители, светите Кирил и Методиј.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2019 12:43