Денеска со почеток во 11 часот и 25 минути ќе стартува првата трка од Европското првенство за туринг возила, популарно насловени ТЦР Европа (TCR Europe).
Виктор Давидовски од ПСС Рејсинг тим е единствениот Македонец во оваа сезона од ТЦР Европа. На квалификациите беше најдобро пласиран возач со Хонда и го освои 19 место, но ќе стартува од 26 позиција поради тоа што најбрзото време му е поставено при развеано жолто знаме на патеката.
– Искуствата собрани минатата година прават да имаме поголема самодоверба отколку лани кога прв пат се запознавме со автодромите каде што се возат овие трки. Исто така немавме никакви тестови со овие возила, кои бараат одредено приспособување на возачкиот стил и големо познавање на опциите за штелување. Оваа сезона тимот „ПСС Рејсинг“ и јас како возач ќе настојуваме што е можно по често да бидеме меѓу освојувачите на поени и да извадиме максимум од секоја шанса што ќе ни се укаже во предвидените 14 трки,- изјави Виктор Давидовски.
На првата трка за 2019 година пријавени се 38 возила, од кои еден дел (девет возачи) ќе настапат во одделниот шампионат за Источна Европа, но дел од трките ќе се возат заедно со главните трки на континенталниот шампионат. Куриозитет е што на оваа трка ќе настапат четири девојки, од кои три се натпреваруваат во шампионатот ТЦР Европа, а една е во конкуренција ТЦР Источна Европа.
Мато Хомола ја има пол позицијата со време кое е само 19 илјадити делови од секундата подобро од она на Андреас Бекман и 99 илјадити делови од секундата во однос на Нелсон Панчиетичи. Фактот дека првите четири возила на стартот се од марката Хјундаи, јасно укажува дека оваа конфигурација на патеката најмногу одговара за тој автомобил, а тоа е потврдено со пласманот на осум нивни возачи меѓу првите дванаесет. Во втората трка првите десет возачи ќе стартуваат по обратен редослед. Една трка ќе трае 23 минути плус последен круг. Од оваа сезона, листата на освојувачи на бодови е проширена до 15. место.
И двете трки ќе бидат директно пренесувани на официјалниот веб сајт: http://www.tcr-series.tv
Во календарот се предвидени седум гран при викенди, а секој ќе има по две трки за возилата кои се натпреваруваат во серијата ТЦР Европа.
КАЛЕНДАР 2019 ГОДИНА
28.04. 2019 – Хунгароринг, Унгарија 26.05. 2019 – Хокенхајмринг, Германија 09.06. 2019 – Спа Франкоршамп, Белгија 14.07. 2019 – Ред Бул Ринг, Австрија 04.08. 2019 – Ошерслебен, Германија 22.09. 2019 – Барселона, Шпанија 13.10. 2019 – Монца, Италија