Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер го заштити Давид Де Хеа, кој направи уште една неразумна грешка на теренот и на тој начин тимот на „црвените ѓаволи“ одигра 1:1 против Челзи. Всушност, грешката на Шпанецот, кој изби топка во нозете на Алонсо, го чинеше успех неговиот тим.
– Навистина не знам што се случува со Давид, но можам да ви кажам дека ние го поддржуваме и неговите грешки не се причината Јунајтед да е шести на табелата. Во принцип кога си напаѓач или голман, тогаш секогаш фокусот паѓа на тебе. Мислам дека Де Хеа беше навикнат да одржува едно исклучително високо ниво и да спасува многу ситуации. За тоа сега неговите грешки се таква сензација. Ќе седнам и ќе зборувам со него. Постојат многу начини еден фудбалер да си ја врати формата, изјави Норвежанецот по дербито.
На прашањето дали ако го остави на клупа, ќе си ја врати формата, тренерот повтори дека не треба да се бара причината на проблемите во него. Тој лично немаше конкретно објаснување зошто „црвените ѓаволи“ дозволиле толку порази во последно време.
– Проблемот е до одреден степен психички и до одреден степен физички, бидејќи очигледно се чувствува замор во играчите. Јас знам што овие момчиња можат. А можеби и се соочуваме со силни противници. Мислам дека моравме да го победиме Челзи и заслуживме три поени во овој дуел но за жал не ги освоивме, додаде тој.