Насловена „Македонски монолог” деновиве во Москва излезе од печат избор поезиjа од великанот на македонската поезија академик Гане Тодоровски во препев на руски.
Книгата содржи над 50 лирски единици и е билингвална, а ја објави реномираната руска издавачка куќа “У Никитских ворот” (Москва) на инициjатива од Олга Панкина коjа jа состави, преведе и подготви за печатење.
Олга Панкина подолго време работеше заедно со Гане Тодоровски во Македонската амбасада во Москва.
-Со книгата би сакала да му изразам моја почит на Гане како дипломат, преведувач, професор, есеист, книжевен критичар, историчар, публицист и пред се како ПОЕТ. Уверена сум дека оваа поетска збирка ќе ја збогати претставата на рускиот читател како за неговото исклучително творештво, така истовремено и за вредностите на македонската литература во целина, вели Олга Панкина.
Книгата излезе од печат во година кога се одбележува 25-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашата држава и Руската Федерација. Гане Тодоровски беше прв амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација. Повод за објавување на книгата е и тоа што на 11 мај, годинава ќе се наполнат 90 години од раѓањето на Гане Тодоровски, наведува Панкина.
Поетската збирка ќе биде промовирана во Москва на 14 маj во рамките на проектот „Читај ја Македонија”.