Од 9 до 16 мај во Кинотеката ќе се одржува 9. Филозофски филмски фестивал (ФФФ), на кој годинава ќе бидат прикажани 40-ина филма, со гости од земјава и од странство, кои во ревијалниот дел ќе имаат предавања. И оваа година фестивалот, кој е специфичен по тоа што нуди поинаква перспектива на гледање филм, ќе ја истражува трансдисциплинарната област од пресекот меѓу филмот и филозофијата.

Програмата денеска на прес-конференција ја соопшти директорката на ФФФ Ана Дишлиеска-Митова. Поделена е во седум сегменти: ревијална програма со тематски дел филм-филозофија; ретроспектива на филмови од Вим Вендерс; „Балтичкиот нов бран и поетскиот документарен филм“; две натпреварувачки програми – за долгометражен и за краткометражен филм, едукативна и придружна програма.

По проекциите на секој од седумте филмови од ревијалната програма ќе има тематски излагања на шестемина гости на фестивалот: Марјан Вујовиќ од Југословенската кинотека во Белград; академик Катица Ќулавкова од МАНУ; Наум Трајановски, докторанд на Институтот за филозофија и социологија на Полската академија на науки во Варшава; Кристине Бриеде, режисерка од Летонија; Габриела Калчи Новати, визитинг-професор на Тринити колеџот во Даблин и Дејвид Сорфа, професор за филмски студии на Универзитетот во Единбург.

Фестивалот идниот четврток ќе почне со „Небото над Берлин“ од Вендерс, режисерот од кого од 27 до 30 мај ќе бидат прикажани уште четири филма: „Токио-Га“; „Солта на Земјата“; „Соба 666“ и „Пина“. Инспирација за ретроспективата е книгата на Вендерс „Замислување на мирот: дијалог за перцепцијата“ која преведена на македонски ќе ја објави Филозофското друштво на Македонија, кое е вклучено во организирањето на ФФФ.

Во натпреварувачката програма на долгометражни филмови се шест остварувања кои ќе се прикажуваат од 10 до 15 мај: „Наме“ во режија на Заза Калваши; „Дишење во мермер“ на Гиедре Беинориуте; „„Градина“ на Питер Шранјер; „8 минути и 19 секунди“ – бугарски омнибус инспириран од прозата на Георги Господинов; „Крадци на гулаби“ на режисерот Осман Наил Доган и „Стикс“ на Волфганг Фишер. За нив ќе одлучува тричлено жири, во состав: Милчо Манчевски, Бошко Караџов и Дејвид Сорфа.

Во две вечери, на 13 и 14 мај, ќе бидат прикажани 19 кратки филмови во компетитивната програма, меѓу кои се и два македонски – „Почетокот“ во режија на Агим Абдула и „Кога нè нема“ на Стефан Палитов. Ревијално во оваа програма ќе биде прикажан и „Кружно патување на монахот“ на Жарко Иванов. За двете натпреварувачки програми ќе бидат доделени по две награди „Златен був“ – од жирито и од публиката.

Фестивалот ќе има и интересна придружна програма – аудиовизуелен перформанс на „Post Global Trio“ по проекцијата на 10 мај , документарен филм за современиот филозоф Ален Бадју, филм за влијанието на Жак Дерида и џез-вечер на „Silent Spring Quartet“ во кафе-бар „Мартини“ со што на 16 мај ќе заврши 9. Филозофски филмски фестивал.

Во рамки на едукативната програма, пак, која почна на 7 март, на 3 мај во 11.30 часот на Филозофскиот факултет ќе бидат доделени наградите од Конкурсот за најдобар средношколски филозофски есеј, на тема: „Homo homini lupus est: Колку чини една насмевка?“.

Директорот на Филозофското друштво на Македонија Љупчо Митковски соопшти и други настани во едукативната програма, меѓу кои работилница за млади „Филозофија и филм“ со професорот Стефан Сидовски, како и „Фил(м)ософија за деца“ со Јоана Хокен, доктор по филозофија од Франција. По завршување на фестивалот, од 20 до 23 мај, дел од филмовите со ФФФ Караван ќе бидат прикажани во Штип, Свети Николе, Прилеп и Битола.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2019 17:54