Каталонскиот гигант победи со 3:0 и направи голем исчекор кон финалето во ЛШ
Барселона со убедливи 3:0 го победи Ливерпул во првиот меч од полуфиналето во Лигата на шампиони. Со оваа победа, каталонскиот гигант сега е многу блиску до пласман во финалето од елитното натпреварување на УЕФА. Ливерпул на реваншот на „Енфилд Роуд“ ќе мора да одигра перфектно, ако сака да се надева дека ќе може да ја анулира оваа висока негатива.
Луис Суарес го најави триумфот на Барселона. Уругвајскиот напаѓач го даде првиот погодок сезонава во ЛШ и тоа кога најмногу требаше. Погоди во 26 минута за водство од 1:0 на Барселона на полувреме. Погодокот на Суарес беше и јубилеен 500 гол за Барселона во ЛШ.
Второто полувреме започна во знакот на Ливерпул. Гостите имаа иницијатива, ја контролираа играта, напаѓаа, но не успеаа да погодат. Кога тоа ќе се случи, Барселона знае како да казни. Во 75 минута, Меси тргна во напад, топката стигна со Суарес кој шутираше во пречката, а од одбиениот удар, топката дојде до Меси кој буквално влезе во голот на противникот.
Само седум минути по тој гол, Меси покажа уште едно фудбалско шоу. Аргентинскиот виртуоз погоди од слободен удар во 81 минута за 3:0. Ливерпул имаше голема шанса за погодок, но Мохамед Салах ја погоди стативата од ситуација од која многу полесно беше да погоди.
За Барселона ова беше прва победа во дуелите со Ливерпул на „Камп Ноу“, но остварена во вистински момент.