Македонските писатели Даниела Андоновска-Трајковска за збирката раскази „Кафе, чај и црвено небо“ и Игор Крајчев за поетската збирка „21“ се годинашни добитници на наградите „Крсте Чачански“, односно „Јован Котески“, што традиционално ги доделува културниот центар „Бран“ и ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга.

Збирката раскази на Андоновска-Трајковска, според образложението на жирито, уште со самиот наслов навестува сензитивно доживување кое си поигрува со концептот на вкусовите, мирисите за нив синетички да ги врзе со доживувањата на видот. Со овие раскази, како што се наведува, пред нас се отвора црвено небо, кое е суптилно врзано со секој од нив. Збирката е поделена во три дела: „Дом“, „Отворени и затворени линии“ и „На Широк Сокак ништо ново“.

– Со доза на суптилен однос кон реалноста, кој на моменти е и болно искрен, преовладува чувството на пренесена топлина со секој збор, поставен во одлична композиција. Очигледно е дека личните впечатоци се измешани со колективните, за да пренесат една слика на едно време и место врамена со кафе, чај и црвено небо, стои во образложението на жирито во состав Мерсиха Исмајлоска, Мишо Китаноски и Петко Шипинкаровски

За книгата на Игор Крајчевски, тричлената жири-комисија во состав Христо Петрески, Весна Мундишевска Велјановска и Витомир Долински, посочува дека е сликовит приказ на себството позиционирано во животот-просторот со модулација која тежнее да го досегне концептот на среќата.

– Тоа е мисловна визуелизација на комплексните игри сред шаховското поле на животот и смртта, чија зборовна репрезентација конструира самосвој дијаграм на опстој. Циклусите „Игри“, „7“ и „Јас“ се неговите констелациски точки кои симболично ја претставуваат акумулираната свесност за сопствената присутност која во зенитот на согледот за својата минливост на себесвојствен начин ја демистифицира потрагата по вечноста вткајувајќи ја во песните на поетот, стои во образложението на жирито.

Досегашни добитнци на наградата „Крсте Чачански“ се Христо Петрески, Милован Стефановски, Петре Димовски, Марина Мијаковска, Добре Тодоровски, Васил Тоциновски, Стефан Mарковски и Владимир Плавевски. Додека носители на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчевски, Витомир Долински, Христо Петрески,Славчо Ковилоски, Зоран Пејковски , Зоран Јакимоски и Елена Пренџова.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2019 16:35