Со наслов „Не си играј со телефонот мамо, играј со мене“, Културно уметничкото друштво „Дримкол“ утре во Домот на културата во Вевчани ќе го одржи својот годишен концерт.

Традиционално секоја година концертот се одржува меѓу велигденските и ѓурѓовденските празници, а учество ќе земат сите фолклорни ансамбли на друштвото, изворниот и народниот оркестар, пејачката група „Каданка“ и нејзини солисти, како и членови на патувачкиот театар од Вевчани.

На програмата, според организаторот, ќе бидат застапени песни и ора од сите играорни подрачја во нашата држава, а темата ќе биде „Не си играј со телефонот мамо, играј со мене“.

– Примената на техниката и технологијата во денешно време се наметнува како начин и култура на живеење. Но, прашање е како таа култура на живеење влијае врз развојот на младите и врз нивниот однос кон градењето и почитувањето на сопствениот идентитет, како и врз негувањето и развојот на своето културно наследство, вели Наташа Кукоска, етнолог, дел од уметничкиот совет на друштвото.

Според неа, преку актерска детска игра, песна и оро ќе дадат одговор на ова прашање, а во исто време отвораат за размислување и други прашања.

– Годишниот концерт за нас претставува многу значаен настан бидејќи имаме прилика да презентираме целовечерна програма пред нашите вевчанци, кои секогаш со восхит не следат и поддржуваат. Нашата вевчанска публика има изострен вкус кога е во прашање културата и уметноста, а нивните очекувања од нас секоја година се поголеми, па токму затоа годишниот концерт на „Дримкол“ е и голема одговорност, изјави Кукоска.

Поради големиот интерес кај публиката КУД „Дримкол“ најави два концерти со почеток во 18 и во 20 часот.



Автор: Администратор
Објавено на: 02/05/2019 16:51