Дебарските каратисти, кои редовно од сите натпревари каде и да учествуваат, се враќаат со одлични резултати,утре ќе бидат дел од Државното карате првенство што ќе се одржи во Кавадарци.

Според тренерот на Карате клубот „Уранику“ Дурим Пачуку, на првенството ќе учествуваат Сара Дука, Вениса Думани, Азиз Рамадани и Рон Пашоли.

-Четворицата ќе настапат во борби поединечно и реално имајќи ја во предвид нивната подготвеност очекувам добри резултати. Добитниците на медал ќе се здобијат со право за учество на Балканското првенство што ќе се одржи во Бања Лука, Босна и Херцеговина,од 30 мај до 3 јуни, изјави Пачуку.

Тој за МИА открива дека најдобриот член на КК„Уранику“ Ардит Марку, кој на Балканското првенство минатата година го освои третото место, на 15-ти мај како дел од македонската карате репрезентација ќе отпатува за Истамбул,Турција.

-Таму ќе се одржи SERIE A што овозможува собирање поени за Олимписките игри во Токио 2020 година. Наша цел е да имаме што повеќе победи за да можеме да ги обезбедиме потребните поени кои ќе бидат „виза“ за учество на Олмпските игри, вели Пачуку.

Во средината на минатиот месец каратистите на „Уранику“ се вратија со повеќе златни и сребрени медали од 17. Меѓународен турнир „Улцињ опен 2019“ што се одржа во Улцињ, Црна Гора.

Карате клубот „Уранику“ е формиран 1996 година, а во моментов има четресеттина членови.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/05/2019 18:26