Од оваа година 5 мај се одбележува како Ден на македонскиот јазик, со одлука која Владата ја донесе на седница минатиот месец. Прогласувањето е во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945-та за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо и озаконувањето на првиот правопис со што беше стандардизиран македонскиот јазик.
Азбуката е создадена на 3 мај 1945 и е предложена на тогашната Влада. Таа ја прифатила и азбуката е официјализирана на 5 мај со објавување во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел Службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета за службен документ.
Процесот на создавање на азбуката бил долг и не бил лесен. Тоа го опишал и Блаже Конески. Имало две комисии, според некои три, и не се согласиле сите одеднаш.
-Конески бил најупорниот за овој тип на азбука, затоа што сметал дека најдобро ја одразува реалноста, вистинитоста на македонскиот изговор и на македонскиот правопис кој доаѓа подоцна. Конески тоа го докажува со пишувањето на Граматиката на македонскиот литературен јазик, првиот и вториот дел во 1952 и во 1953, а во периодот од 1961 до 1966 година следува издавањето на тритомниот Речник и со тоа се заокружува процесот на стандардизирањето. Во сите три акции Блаже Конески е човекот локомотива, рече во интервју за МИА проф. Људмил Спасов од Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици и претседател на Советот за македонски јазик.
Според Спасов, идејата е 5 мај да биде ден на македонскиот јазик од работен карактер и да се одбележува таму каде што е најпотребно – од најниските степени на образование до највисоките – со пригодни реферати, рецитали или со детали од историјата итн.
Во првата година Денот на македонскиот јазик ќе го одбележат две институции – Институтот за македонски јазик утре во рамки на традиционалната манифестација „Денови на Благоја Корубин“ ќе организира трибина: „Употребата на македонскиот јазик“, а Филолошкиот факултет на 14 мај ќе организира посета на родната куќа на Блаже Конески во Небрегово.
-Тоа е за оваа година, но почетокот е многу важен и она што сега ќе се случи ќе даде елан и подготовка понатаму да се развива на различни начини. Вакви датуми постојат кај европските народи. Јас го замислувам тоа како ден на оддавање почит на македонскиот јазик и на сите претходници кои го создавале писмениот, литературен, стандарден јазик, како и долг кон иднината – дека македонскиот јазик треба да се негува, да се шири и, што е многу важно, македонскиот јазик ние треба да го подготвиме до совршенство за тогаш кога нашата земја ќе стане членка на Европската Унија. Бидејќи со влезот во ЕУ и јазикот станува еден од официјалните јазици на Европа, истакна Спасов.
На 2 август 1944 делегатите на Првото заседание на АСНОМ го прогласиле македонскиот јазик за официјален во македонската држава. На 3 мај 1945 е усвоена македонската азбука, а на 7 јуни е усвоен македонскиот правопис, со што се стандардизира македонскиот јазик и станува јазик на државата – во тоа време Демократска Федерална Македонија која е во заедница со другите југословенски народи. Секој си имал свој државен јазик и македонскиот се издигнал на ниво на државен јазик.
Првата стандардизација е направена уште од Крсте Мисирков во 1903-та, но не заживеала, освен во неговата книга, затоа што не постоела држава за да стане стандарден јазик односно да биде јазик на администрацијата, образованието, на науката и на културата воопшто. Стандардизирањето е овозможено со создавањето на државата, со АСНОМ во 1944 година.