Во клуб-ресторанот на Младинскиот културен центар вечер од 20 часот ќе биде промовирана поетската книга „Стан што се распаѓа“ од Биљана Стојановска, трет добитник на наградата „Тодор Чаловски“ која Здружението за култура, литература и уметност „Галикул“ ја доделува на млад македонски автор во областа на поезијата, книжевната критика, есеистика и проза, а во сеќавање на истакнатиот македонски поет, литературен критичар, преведувач и есеист Тодор Чаловски (1945-2015).

Промотор на стихозбирката ќе биде Јане Чаловски, претседател на Управниот одбор на „Галикул“, а стихови ќе читаат: Ѓоко Здравески, Ана Голејшка Џикова, Владимир Мартиновски и Николина Андова Шопова. Музички настап ќе има бендот „Swing Walkers“ од Скопје.

– Песните на Биљана Стојановска се малечки кондензирани вистини. Пишувани од луциден субјект што го набљудува светот со силно фокусирано внимание, нешто како сноп сончева светлина што пали оган кога поминува низ лупа. Моќни се во својата едноставност и непретенциозност, пишувани со секојдневен јазик, но со веќе јасно изграден и препознатлив стил. Тоа се песни во кои ќе се препознае секој човек што има храброст барем за миг да го сврти погледот кон својот внатрешен свет. Затоа што, како што е внатре, така е и надвор. Светот постои во нас, не постоиме ние во светот, вели рецензентот Здравески.

Биљана Стојановска (1984) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности. Во 2015 година е објавена нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2019 16:23