На малата сцена на Велешкиот театар утревечер премиерно ќе биде изведена комичната претстава „Свадбата“ по текстови од американскиот автор Алан Бол и бугарскиот Антон Страшимиров, драматуршки адаптирани од Катерина Момева и во режија на Софија Ристевска-Петрушева.
Режисерката денеска на прес-конференција рече дека се работи за компилација од неколку текстови и дека свадбата, според текстот на Бол, се третира како социјален момент со интимни приказни на ликовите што, според неа, е поемоционален поглед на феноменот свадба. Во првиот дел актерите не играат на сцена, туку во други простории во театарот, а нивната игра зад сцената публиката ќе ја гледа преку директен пренос.
Вториот дел, по текст на Страшимиров, е гротескен и на комичен начин ги разработува семејните врски кои, како што рече режисерката, на Балканот се многу силно потенцирани, особено односите меѓу свекрвата и снаата и синот. На крајот актерите раскажуваат приказни од нивниот личен живот, односно ќе понудат мешавина на различни погледи кон темата свадба и брак.
-Во овој век на либерален капитализам, каде што финансиите масовно го опеделуваат нашето секојдневие, човечките животи и индивидуалните приказни се најважното средство за борба против суровата и неповратна глобализација. Свадбата е рингот на бескрајните човечки страсти, рече Ристевска-Петрушева за новата премиера која е втора на Велешкиот театар во 2019 година.
Актерката Весна Димитрова-Бобевски рече дека во претставата игра две спротивни улоги – во првиот дел лик на пристојна девојка која живее според Библијата, а во вториот – посесивна свекрва, за која рече дека е мошне слоевита улога. Покрај Димитрова-Бобевски, играат уште тројца актери на Велешкиот театар – Јордан Витанов, Слободанка Чичевска и Славица Манаскова.
Текстовите ги преведе Катерина Марковска, автор на сценографијата е Филип Коруновски, костимограф е Катерина Чукниева, кореограф Кире Миладиновски, за музиката е задолжен Сашко Костов, а за видеото и фотоматеријалот – Крсте Шупев.