На вечерашниот симфониски концерт „Нов свет“ на Филхармонијата солист ќе биде врвната виолинистка Баиба Скриде од Летонија. Диригент е Јерухам Шаровски од Израел, а на коцертната програма ќе биде Симфонијата бр. 9 „Од новиот свет“ од Антонин Дворжак.
За македонската публика Скриде ќе го изведе Концертот за виолина и оркестар бр. 1 во а-мол оп. 77 од Дмитриј Шостакович, кој рускиот композитор го посветил на познатиот виолинист Давид Ојстрах.
Баиба Скриде е родена во музичко семејство во Рига каде што и ги започнала студиите. Во 2001 година ја освои првата награда на натпреварот „Кралица Елизабета“. Свири на виолина „страдивари“. Реномирана е и како камерен музичар на светско ниво, а зад себе има и богата дискографија.
– Виртуозноста, музикалноста, искрениот пристап кон делата што ги изведува и силната љубов што ја исполува кон нив ќе ја одведат виолинистката Баиба Скриде на сцените низ светот да настапува со значајни оркестри и диригенти денес. Таа постојано добива покани за настапи како солист, а критиката за неа вели дека нејзините толкувања на музиката се свежи, современи, а изведби ѝ се мошне чувствителни и во нив внесува радост, наведува Филхармонијата.