„Народните носии низ објективот на Тошо Дабац“ е насловот на изложбата со фотографии што денеска ќе биде отворена во галеријата „Ванѓел Коџоман“ во Струга, во организација на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и природо научниот музеј „Др. Никола Незлобински“.
На изложбата ќе бидат претставени 32 фотографии од богатото наследство на Тошо Дабац, еден од најистакнатите загрепски фотографи, кое содржи повеќе од двесте илјади негативи. Изложените фотографии спаѓаат во групата фолклорни, што прикажуваат мотиви од народните носии од повеќе краишта низ Хрватска, Босна и Херцеговина и Македонија.
Повеќето народни носии на изложените фотографии, како што соопштија организаторите, се забележани спонтано, а Дабац најчесто го фотографирал загрепското секојдневие и токму затоа преовладуваат фотографии со народни носии од околината на Загреб.
– На нив може да го препознаеме пригорскиот женски плетен џемпер, женскиот горен дел белата сурина, машката сурина украсена со лента т.н. шујташ, шамијата за глава т.н. енглешка шамија, свадбениот венец, женскиот фустан – цабајка од Сесветското Пригорје и др. Освен тоа, прикажани се и детали и делови од народните носии од Славинија, Мославина, Посавина, Бистра, Покупље, Истра, островот Зларин, Сињската краина, околината на Дубровник, од Босна и Херцеговина и од Македонија, појаснуваат организаторите.
Изложените фотографии ги прикажуваат машките и женските свечени народни носии, работните и секојдневните носии, детските носии и фолклорните костуми.
Тошо Дабац е еден од најзначајните хрватски фотографи. Роден е на 18. мај 1907 година во селото Нова Рачa покрај Бјеловар, а починал во Загреб на 9 мај 1970 година. Негови фотографии се објавувани во голем број списанија, а автор е и на повеќе културно-историски и уметнички монографии.