Издавачкиот центар ТРИ годинава на Саемот на книга настапува со богата програма на активности која вклучува ексклузивни гостувања на тројца врвни светски автори – Винко Модерндорфер, Кристина Улсон и Едина Сворен – кои ќе допатуваат во Скопје специјално за 31 издание на оваа манифестација.

Винко Модерндорфер е еден од најпопуларните словенечки автори за деца и млади кој на 9 мај (четврток) од 17 часот ќе ја промовира својата најпозната книга „Како во филм“. Промотор ќе биде Лидија Димковска. Станува збор за еден извонредно сестран уметник, добитник на голем број книжевни награди, меѓу кои и наградата „Модра птица“ за најдобар роман за деца и млади во Словенија, токму за „Како во филм“. Оваа книга на многу симпатичен начин опишува еден трауматски период од животот на младиот Гашпер, дванаесетгодишен вљубеник во Интернет и во хорор-филмовите, чија мајка ненадејно исчезнува, а тој е принуден привремено да живее со чудниот човек по име Макс.

Кристина Улсон е една од најпопуларните крими-авторки од Шведска. На Саемот ќе ја промовира својата книга за млади „Стаклените деца“, на 10 мај, петок, во 17 часот. Промотор ќе биде проф. д-р Весна Мојсовска-Чепишевска. Кристина Улсон покрај со пишување работела и како раководител на одделението за противтерористички активности во ОБСЕ, како и во шведското министерство за надворешни работи. Своите работни искуства успешно ги ги користи во нејзините криминалистички книги, кои постојано се во потесниот избор за Најдобар криминалистички роман на годината на Шведската академија и се наоѓаат на списокот на бестселери низ целиот свет.

Гостинка на саемот ќе биде и Едина Сворен - добитничката на Европската награда за литература. Токму награденото дело на Сворен „Нема, и нека не ни има“ ќе биде промовирано на 11 мај, сабота, со почеток во 18 часот. Книгата ќе ја промовира проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер. Едина Сворен е една од најдобрите млади унгарски автори. Веќе за својата прва книга „Перту“ ја добива наградата „Броди Шандор“ за најдобро дебитантско прозно дело.

Делата на сите тројца автори се во рамките на проектите „Европски приказни“ односно „Калеидоскоп“ поддржани од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и од Министерството за култура на РМ.



Автор: Администратор
Објавено на: 08/05/2019 16:42