Женската фолклорна група „Копачка“ доби Грамота за настапот во соседна Бугарија, каде по повод традиционалниот настан кој по 10-ти пат се одржа во село Спатово, учествуваше на манифестацијата „Ѓурѓовден 2019“.
Според Перса Стојановска од фолклорната група „Копачка“, настапот има посебно значење, бидејќи оваа традиционална културна манифестација ја чува и негува Ѓурѓовденската традиција, а настапот на сите фолклорни друштва се одвивал пред очите на многу добри познавачи на изворниот фолклор. – Сите обичаи поврзани со Ѓурѓовден беа претставени во Спатово. Со многу етно елеменнти, обичаи кои не се разликуваат многу од кај нас. Ние настапивме со женската „Копачка“, а ова гостување го реализираме на покана од нашите повеќегодишни драги соработници на полето на негувањето на етнокултурата и изворниот фолкор, фондацијата „Леб и вино“ од Сандански и читалиштето „Георги Попиванов“ од село Спатово, рече Стојановска. Додаде дека настапот во Спатово се реализирал благодарение на финансиската поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија. Преку заеднички проект со општина Делчево, здружението фолклорна група „Копачка“ во наредниот период ќе работи на обнова на народната носија со која групата го претставува пијанечкиот фолклор ширум светот.