Со звуците на „Триумфалниот марш“ од „Аида“ и палење на фестивалскиот оган, во Националната опера и балет вечерва беа отворени 47. Мајски оперски вечери, на кои до крајот на месецов ќе бидат изведени шест оперски и една балетска претстава.

Фестивалот за отворен го прогласи вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој во обраќањето истакна дека Мајските оперски вечери покажуваат дека пред речиси половина век постоела свесност за безвременските пораки кои ги носи операта и вредностите на кои таа нè учи.

Нагласи дека сме во ера на напредна технологија, но дека е важно враќањето на основата и посветеноста на културата – кон театарот, литературата, музиката и ликовните уметности.

-Во моите говори посветени на економијата, растот и развојот, зборувам за нова реформа во образованието – дуалниот систем, но сметам дека рационалноста оди рака под рака со уметноста зашто само така може да постои креативност. Со иста енергија, ентузијазам и љубов, треба да им се посветиме на часовите по музичко и ликовно образование. Затоа што односот што го градиме кон културата е, впрочем, однос кон идентитетот, рече Анѓушев.

И градоначалникот на Скопје Петре Шилегов зборуваше за достапноста на музиката што во секое време и место ја нудат модерните уреди меѓутоа, рече, „ништо не може да го замени чувството на музика во живо и човечкиот глас“.

-Или, како што еднаш запишал Конески – најважни се ефемерните работи, еднаш случени, забележени, видени, чуени само еднаш. Токму таква можност ни нудат Мајските оперски вечери – неповторливо богатство во друг свет, понекогаш романтичен, понекогаш трагичен. Но задолжително ги вклучува сите наши емоции, истакна скопскиот градоначалник.

Според директорот на Националната опера и балет Васо Ристов, охрабрува фактот дека и покрај границите што ги наметнува потрошувачкото општество, ниту радиото, ни телевизијата, а ни современите носачи на звук, не се штетна конкуренција на манифестациите на жива музика и на оперските претстави.

-Напротив, повеќе ги афирмираат ширејќи го интересот за нив. Вреден доказ за ова сте и вие ценета публико, рече Ристов, додавајќи дека овој фестивал е крстопат на цивилизации и култури од целиот свет, а магијата на 47-то издание, како што рече, ја исполнуваат звуците на Верди, Доницети, Пучини, Чајковски.

Вечерите секоја година се затвораат со „Аида“ на 31 мај, но оваа година фестивалот и почнува со неа. За двете изведби има две екипи – домашна и интернационална. Продукцијата е на театарот „Карло Феличе“ од Џенова, кој донесува модерно видување на популарната Вердиева опера, со 3Д-проекции на сцената.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2019 01:06