Во рамки на 12. Македонска книжевна визита што се одржува во Софија, денеска во салонот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија (MКИЦ) ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на годинашниот носител на ова признание – писателот, книжевен истражувач и издавач Пламен Тотев.
Во својот опус Тотев има десетина книжевни и публицистички дела, a како сопственик на книгоиздателствата „Персеј“ и „Изида“ објавил и афирмирал дела од 20-ина македонски писатели на бугарски јазик.
Како што јави известувачот на МИА, наградата „Македонски книжевен Дедал“ ја востанови Книгоиздателството „Макавеј“, а традиционално се доделува на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонесол за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји.
На програмата на Македонската книжевна визита во попладневниот дел ќе има промоција на специјален двоброј на македонското книжевно списание „Книжевно житие“ кое е посветено на 25 современи бугарски поети, а потоа ќе следува најимпресивниот настан на Визитата – Бугарско-македонскиот поетски митинг со настап на 20-ина автори од двете соседни земји.
Со избор од свои стихови ќе настапат Бојан Ангелов, Димитар Башевски, Димитар Христов, Зоран Анчевски, Николај Шопов, Бранко Цветкоски, Роман Кисјов, Санде Стојчевски, Иван Есенски, Драгана Евтимова, Иван Гранитски, Гоце Ристовски, Атанас Звездинов, Душко Крстевски, Петар Андасаров, Весна Ацевска, Надја Попова, Ѓоко Здравевски, Диме Ратајковски, Владимир Левчев, Кети Бозукова, Марта Марковска.
Еден од најреномираните бугарски современи поети и добитник на венецот на Струшките вечери на поезијата, Љубомир Левчев, поради неможност да присуствува на отворањето на Македонската книжевна визита, испрати поздравно писмо до учесниците на манифестацијата.
Визитата вчера беше отворена со книжевен портрет на современиот македонски романсиер, поет, раскажувач и публицист Димитар Башевски. За богатото и жанровски разновидно творештво на Башевски пред одбраната бугарска публика говореа македонскиот поет и литературен критичар Санде Стојчевски и бугарскиот поет и преведувач Димитар Христов.
Се обрати и авторот Башевски, кој покрај на темата за своето творештво, даде лично гледање на односите меѓу двете соседни земји и двете литератури.
– Многу имав желба да дојдеме со воз, меѓутоа возот и пругата не се готови. И на некој начин таа пруга и тој воз станаа симбол на бавноста на севкупните наши односи во некој период, особено во минатото… Денес што се однесува до бугарската средина и соработката со бугарските писатели, се отвораат можности, се отвора еден навистина прекрасен простор, и ние треба да го искористиме тој простор и да одиме напред имајќи ги предвид пречките кои може да искрснат, рече Башевски.
Учесниците на манифестацијата и оваа година традиционално ќе го посетат и ќе положат цвеќе на гробот на Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска литература и крупна фигура и на современата бугарска поезија.
Организатор на Македонската книжевна визита, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија, е Книгоиздателството „Макавеј“, во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Република Македонија.