За мене книгоиздаваштвото не е бизнис, туку мисија која ги изразува моите напори за промоција и популаризација на македонската литература која е современа, европска и која ми лежи на срцето. Би сакал оваа литература да стигне до што е можно повеќе луѓе. Заслугата за оваа награда не е само моја туку и на бројните преведувачи кои ја доближија современата македонска книжевност до бугарските читатели.
Ова го истакна бугарскиот литературен критичар, истражувач, издавач и редактор Пламен Тотев, годинашен добитник на наградата Македонски книжевен Дедал, што ја доделува Книгоиздаделството Макавеј од Скопје во рамки на манифестацијата Македонска книжевна визита, а чија цел е афирмација и популаризација на македонската литература во соседна Бугарија.
Наградата му ја врачи амбасадорот на нашата земја во Бугарија, Марјан Ѓорчев, според кого, благородната дејност на Тотев „со ум не може да се разбере, ниту со аршин да се измери, но во него може само да се верува“.
Уредникот на Макавеј, Владимир Цветковски во образложението кон наградата истакна дека Тотев во својот опус има десетина книжевни и публицистички дела, a како сопственик на книгоиздателствата „Персеј“ и „Изида“ објавил и афирмирал дела од над 20-тина македонски писатели на бугарски јазик.
– Од 2015 година Персеј и Изида се издаваштва кои објавуваат, промовираат и нудат во Бугарија современа македонска литература. Меѓу издадените автори се носителите на најголемите литературни награди во Македонија и видни писатели од различни поколенија како Луан Старова, Оливера Николова, Владимир Плавевски, Јагода Михајловска – Георгиева, Киро Донев, Паскал Гилевски, Драги Михајловски, Томислав Османли, Влада Урошевиќ, Ненад Јолдески, Стефан Марковски…., или до денешниот ден 32 книги од 23 македонски автори. Ова се фактите кои се непремостиви за Македонскиот книжевен Дедал да му се додели на овој заслужник од современата литературна и културна сцена во Република Бугарија, истакна Цветковски.
Прв добитник на меѓународната книжевна награда востановена 2008 година беше Николај Петев тогашен претседател на Сојузот на бугарските писатели, а меѓу нејзините добитници се и Николај Шопов, Елка, Њаголова, Роман Кисјов, Тања Попова. Наградата се состои од специјална грамота и бронзена копија на статуеата Дедал откриена на охридски археолошки локалиtет и од паричен дел.
На програмата на Македонската книжевна визита во попладневниот дел се поместени промоцијата на специјален двоброј на македонското книжевно списание „Книжевно житие“ кое е посветено на 25 современи бугарски поети, а потоа, според организаторите, ќе следи најимпресивниот настан на Визитата – Бугарско-македонскиот поетски митинг со настап на дваесетина автори од двете земји.
Со избор свои стихови ќе настапат Бојан Ангелов, Димитар Башевски, Димитар Христов, Зоран Анчевски, Николај Шопов, Бранко Цветкоски, Роман Кисјов, Санде Стојчевски, Иван Есенски, Драгана Евтимова, Иван Гранитски, Гоце Ристовски, Атанас Звездинов, Душко Крстевски, Петар Андасаров, Весна Ацевска, Надја Попова, Ѓоко Здравевски, Диме Ратајковски, Владимир Левчев, Кети Бозукова, Марта Марковска.
Учесниците на манифестацијата и оваа година традиционално ќе го завршат престојот во Софија со посета и положување цвеќе на гробот на Венко Марковски, еден од основоположниците на современата македонска литература и крупна фигура и на современата бугарскa поезија.
Организатор на Македонската книжевна визита е Книгоиздателството „Макавеј“ во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од Министерството за култура на Македонија.