Нашата држава на 58. Венециско биенале покрај со националниот павилјон и изложбата на Нада Прља и Музејот на современа уметност, претставена е и со „Остен павилјон на Северна Македонија“ и меѓународен независен проект: „Транскодирани структури – пред и после медиумите во апстракцијата“.

Се работи за изложба на слики од македонскиот уметник Мице Јанкуловски и Олга Тобрелуц од Русија. Куратор на изложбата е Жолт Петрани од Унгарија, а куратор-соработник Корнелија Конеска од галеријата „Остен“.

Проектот „Транскодирани структури – пред и после медиумите во апстракцијата“ се однесува на историските промени при создавање на сликарството.

-Со насловот на изложбата уметниците и кураторите се повикуваат на Вилем Флусер, филозоф на значењето на променетата слика, кој ја истакнува својата нова врска со самиот свет. „Транскодирање” значи дека сликата секогаш се однесува на код, кој е основа за нејзината разбирливост, контекст и содржина. Кодовите се сменети од крајот на 20 век од влијанието на медиумите насекаде, посочува „Остен“.

Како што информира, на официјалното отворање имало голем интерес од компетентна интернационална публика – уметници, професори, галеристи и поширока публика од над 200 посетители. Изложбата во павилјонот на „Остен“ во Венеција за посетители ќе биде отворена од утре до 7 јуни.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2019 17:07