Унијата на француски муслимански демократи (УДМФ) ќе учествува на изборите за членови на Европскиот парламент со своја листа наречена „Унија за Европа во служба на народите“.

Како што јави дописникот на МИА, тоа ќе биде 34-та кандидатска листа за европските избори потврдена од страна на француското Министерството за внатрешни работи.

Партијата УДМФ беше формирана во 2012 година, со цел „да го претставува гласот на дел од популацијата што не се пронаоѓа во традиционалните партии“.

Крајниот рок за поднесување на листите беше 3 мај. УДМФ тоа го стори навреме, но нејзината листа не беше официјално потврдена во саботата, како што беше случај со другите листи, затоа што Министерството за внатрешни работи побара од Државниот совет да не ја прифати листата поради формални причини.

Како што наведува весникот „Ле Паризиен“, тие „формални причини“ биле тоа што некои од кандидатите не дале согласност да бидат на листата. Но, наместо да ја отфрли листата, Државниот совет и даде рок од 48 часа да ги „комплетира елементите кои недостасуваат“, што УДМФ го сторила на време.

Учеството на 34 листи со повеќе од 2.600 кандидати на европските избори, предвидени за 26 мај, претставува своевиден рекорд за Франција.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2019 19:26