Американскиот претседател Доналд Трамп денеска најави дека тековните трговски преговори меѓу САД и Кина се поволни за Вашингтон и дека нема потреба од брзање.

Американските царини на 250 милијарди долари увоз од Кина се зголемени од утрово од 10 на 25 отсто. Се работи за разни видови стоки, од морска храна, па до машиноградба.

– Воопшто нема потреба да се брза, сега откако САД добиваат царини во висина од 25 отсто од стоки во вредност од 250 милијарди долари, останува уште да се воведат (царини) и за останатата кинеска стока вредна 325 милијарди долари, напиша Трамп на Твитер.

Тој додаде дека парите директно легнуваат на сметка на Министерството за финансии.

– Царините ќе ја направата нашата земја многу посилна, не послаба. Кина не требаше да ја менува позицијата на преговорите во последна минута. Произведувајте во САД и нема да плаќата царини, напиша Трамп.

Претходно, Трамп обвини дека Кинезите сакале „предоговарање“ во последен момент и дека Кина го „поткопала договорот“ за време на преговорите.

Тој притоа се закани дека ќе воведе дополнителни царини.

– Преговорите продолжуваат, но многу бавно, изјави тогаш Трамп.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2019 19:27