Осум претстави на македонските театри ќе бидат во официјалната конкуренција за награди на годинашниов, 54. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој ќе се одржува од 7 до 15 јуни во Прилеп. Фестивалот ќе донесе и неколку новини, а добитници на наградата за животно дело се режисерот Владимир Милчин и актерот Бајруш Мјаку. Ова денеска во Прилеп го соопшти уметничкиот директор на фестивалот, Катарина Коцевска.
Во официјалната програма на фестивалот се претставите: „Макбет“ во режија на Нела Витошевиќ, во продукција на МНТ од Скопје; „Странци“ во режија на Нела Витошевиќ на Драмски театар-Скопје; „На отворено“ во режија на Андреј Цветановски на Театар Комедија; „Смртта на Дантон“ во режија на Дино Мустафиќ на Албански театар-Скопје; „Физика на тагата“ во режија на Милош Андоновски на Кумановскиот театар; „Бакхи-краток преглед на распадот“ во режија на Вук Торбица на Битолскиот театар; „Животинска фарма“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Струмичкиот театар и претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски на Прилепскиот театар.
Според уметничкиот директор Катарина Коцевска, фестивалот има осум претстави и смета така да биде и во иднина, бидејќи, вели, не е ревијален. Првпат годинава се воведува наградата од публиката – мермерна статуетка на Чернодрински.
– Прилепската публика, тврдам одговорно, е најдобрата која знае да следи театар и од оваа година ќе има можност да гласа за претставите и ќе се гласа по секоја претстава. Начинот и деталите за гласање ќе бидат објаснети на почетокот на фестивалот. Фестивалското жири доделува бронзена статуетка на патронот Војдан Чернодрински, а наградата од публиката, за тоа разговаравме со прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, ќе биде статуетка од мермер, по кој е препознатлив градот и ќе имаме спој со овој голем театарски настан што, пак, е одлика на градот. Уште една важна новина е враќањето на разговорите за претставите, т.н. разговори на тркалезната маса. Ќе се одржуваат веднаш по одигрувањето на претставата и ќе учествуваат еминентни критичари, а секако свој удел може да има и публиката. Ова, всушност, е враќање на разговорите кои се одржуваа порано на фестивалот, објасни Коцевска.
Фестивалот ќе понуди и богата придружна програма со претстави на театрите што не се во официјалната програма и претстави на студентите од Факултетот за драмски уметности. Придружната програма е во фаза на дефинирање. Со која претстава ќе биде отворен МТФ „Војдан Чернодрински“ засега не се открива и се чува како пријатно изненадување.
– Фестивалот ќе добие своевидна електронска верзија. Од годинава како новина, сите настани на фестивалот ќе бидат достапни на социјалните мрежи и на веб-страницата на Фестивалот. За ова веќе со месеци разговараме и го правиме тоа на начин како што прават студентите на ФДУ кај професорот Игор Венцоски, рече Коцевска.