Адвокатот на претседателот Доналд Трамп, Руди Џулијани, ја откажа посетата на Киев поради тоа што новозибраниот претседател на Украина, Володомир Зеленски е опкружен со „непријатели на претседателот на САД“, изјави тој синоќа во интервју за „Фокс Њуз“.
Според Џулијани, се работи за луѓе кои порано биле вмешани во корупција и им помагале на демократите за време на претседателските избори во 2016 година. Тој не прецизираше кои се имињата на тие лица.
Личниот адвокат на Трамп укажа дека информацијата за „непријателите на Трамп“ кои го опкружуваат Зеленски ја добил „од две доверливи лица“. Тој истакна дека одлуката никако не е поврзана со претстојните претседателски избори во 2020 година.
Џулијани претходно за „Њујорк Тајмс“ изјави дека планира наскоро да ја посети Украина за да ја убеди новата администрација во земјата да спроведе истраги во однос на две прашања за кои постои голем интерес кај американските власти.
Според весникот, едно од прашањата е поврзано со истрагата на специјаниот обвинител Робарт Малер за руската вмешаност во изборите, а другото е за синот на поранешниот потпретседател, сегашен претседателски кандидидат, Џозеф Бајден Хантер, и неговите врски со неименуван украински претприемач.