На големата сцена на велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ в четврток вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Злосторството на 21 век“ според текст на Едвард Бонд, во режија на Владимир Милчин и сценографија на Крсте С. Џидров.
Како што информира на денешната прес-конференција режисерот Владимир Милчин, кој првпат режира во велешкиот театар, станува збор за англиски драмски писател, театарски режисер, поет, теоретичар и сценарист кој многумина го сметаа за еден од најважните живи драмски автори, кој отсекогаш бил и останува контроверзен поради насилството прикажано во неговите пиеси, радикалноста на неговите ставови за модерниот театар и општеството.
Милчин за Едвард Бонд вели дека неговата пиеса довела да се укине цензурата, а тој со своите дела е провокативен и актуелен со проблеми што го мачат човештвото на целата Земјина топка.
– Една катастрофа е екологијата, а другата одземање на слободата, правата и терор и тоа што на луѓето им ја одзема човештината, а пеколот напредува и ја јаде Земјината топка и ги јаде луѓето, вели Милчин.
Актерката Маја Љутков која е негова студентка и игра во претставата потенцира дека е добро што дошол нејзиниот професор Милчин да ги врати на вистинскиот пат и потсети на сите вредности кои сите ние одвреме навреме ги забораваме и пропуштаме.
– Ова е претстава од која секој ќе си отиде погоден. Никој нема да остане рамнодушен и недопрен. За мене е најважно што во велешкиот театар дојде мојот професор Владимир Милчин и сработи претстава, не потсети на сите вредности на кои сите ние одвреме навреме работејќи ги забораваме и пропуштаме. Тој не врати назад на вистинскиот пат, а овој процес беше празник за сите сетила, потенцира актерката Љутков.
Во претставата освен Маја Љутков играат и Талија Настова, Жарко Спасовски и Фаик Мефаиловски, костимографијата е на Марија Пупучевска, а музиката на Марјан Неќак, а постерот за претставата го нацрта Филип Коруновски.
Имено, ова е трета премиера на велешкиот театар за 2019-та, а прва што е финансирана од Министерството за култура.
Режисерот Милчин истакна дека велешката театарска сцена на новиот театарски објект е иста со европските сцени и оти никој нема право да ги рангира како провинцијален театар.