Во прилепското кино „Мис Стон“ при Центарот за култура „Марко Цепенков“ од 16 до 18 мај ќе се одржи 14. издание на Фестивалот на новиот германски филм. Годинава, Фестивалот ќе понуди германски филмови од жанровите: драма, трагикомедија, комедија како и семејни, детски и кратки филмови. Фестивалот, прилепскиот Центар за култура го реализира во соработка со амбасадата на Сојузна Република Германија.
Отворањето на фестивалот ќе биде в четврток од 20 часот со извонредниот филм-комедија „100 работи” во режија на Флориан Давид Фиц. Наредните два дена, петок и сабота, ќе се прикажат три детски и три играни филмови и ќе има проекција на кратки филмови.
Според информациите од Центарот за култура „Марко Цепенков“, филмовите се грижливо избрани со цел да задоволат многу вкусови, а некои од нив се навистина ексклузивни со постигнатиот огромен успех на филмските фестивали. Еден од филмовите беше и во конкуренцијата за наградата „Златна мечка” на престижниот „Берлинале“.
Филмови што ќе се прикажат в петок и сабота на фестивалот се „Тоби и тајната на нашата планета“, „Тим Талер или Продадената смеа“, „Во време на намалена светлина“, „Патување во Ерусалим“, „Помош, ги смалив моите родители“, „Пакет кратки филмови“ и „Крајот на вистината“ со што завршува годинашниов Фестивал.