Со премиерата на комедијата на американскиот режисер Џим Џармуш „Мртвите не умираат“ денеска ќе биде отворен 72. Кански фестивал, со чие жири претседава оскаровецот Алехандро Ињариту.

Во овој зомби-филм, Бил Мари и Адам Драјвер глумат полициска двојка, која се соочува со група крвави вампири. Во сатиричниот хорор настапува и Тилда Свинтон и Дени Гловер, како и музичките ветерани Иги Поп и Том Веитс.

Свое деби на Канскиот фестивал ќе има филмот на Квентин Тарантино „Си беше еднаш во Холивуд“, во кој главни улоги имаат Леонардо ДиКаприо, Бред Пит и Маргот Роби. Дејствието во филмот се случува во доцните 60-ти години од минатиот век и се однесува на Холивуд во време на хипи-движењето. На Фестивалот деби ќе има и биографскиот филм посветен на Елтон Џон „Рокетмен“.

Мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалез Ињариту годинава претседава со жирито, кое на 25 мај ќе го прогласи добитникот на Златната палма. Во жирито се и актерката Ел Фанинг и Маимоуна Н`Диаје од Буркина Фасо, како и режисерите Аличе Рохвафер, Енки Билал и Робин Кампиљо, Кели Рајхард и Јоргос Лантимос.

Златната палма за животно дело годинава оди во рацете на актерската икона Ален Делон. Роден во 1953 година, Делон на филмското платно е од доцните 50-ти години, од кога сними повеќе од 80 филмови. Тој спаѓа меѓу најголемите актери на европската кинематографија. Наградата се доделува за „фантастичната присутност на легандарниот глумец во историјата на филмот“, соопштија од Фестивалот.

Во натпреварувачкиот дел годинава ќе има четири филма зад кои стојат жени. Еден германски весник тоа го опиша како „голема феминистичка офанзива“, со оглед на тоа дека за Канскиот фестивал тоа е многу. Овој фестивал, помалку важи за „машки клуб“, поради што минатата година 82 жени протестираа на славниот фестивалски црвен килим.

Инаку, во натпреварувачката програма за Златна палма се тркаат над 20 филма. Шпанскиот велемајстор Педро Алмадовар ќе ја презентира својата нова мелодрама, од Белгија пристигнуваат двојните добитници на Златна палма Жан-Пјер и Лук Дарден. Од Велика Британија пристигнува ветеранот кен Лоач, од САД Теренс малик, од канада режисерското „чудо од дете“ Ксавиер Долан. Во конкуренција се и филмови од Кина и Јужна Кореја, Бразил, како и францускиот режисер Абделатиф Кешиш кој со највисокото признание се закити во 2013 година.

Уметничкиот директор Тјери Фремо претходно вети дека процесот на избор на филмови на фестивалот ќе биде потранспарентен и оти извршните комисии ќе поттикнуваат на родова рамноправност.

Канскиот фестивал е основан во 1946 година и се одржува во градот Кан, јужна Франција. Тој претставува еден од најстарите и најпрестижни филмски фестивали на светско ниво, а се одржува во Палатата на фестивалите и конгресмените.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/05/2019 19:46