Во село Разловци денеска е отворена ликовната колнија „Разловци на платно“, како дел од активностите за одбележување на 143-годишнината од Разловечкото востание.
Настанот, што ќе се одвива до19 мај, е организиран од страна на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“, во чии рамки, како што информираше директорот Методи Толевски, учество ќе земат афирмирани ликовни уметници како и млади таленти од Делчево.
– Оваа ликовна колонија има двојна цел. Прво и основно е да се обедини талентот и искуството, односно во соработка со докажани ликовни творци од нашата општина да се мотивираат и охрабрат младите и талентирани уметници својот ликовен талент да го афирмираат на еден повисок степен. Втората цел е да го збогатиме настанот со ликовни дела кои ќе останат како сведоштво за нашата почит кон Разловечкото востание, рече Толевски.
Додаде дека мотивот за цртање кај учесниците ќе биде црпен од посебната архитектура на традиционални куќи од село Разловци, но и од самата природа која го опркружува, како и сцени од славното Разловечко востание, поради што и колонијата го носи името „Разловци на платно“.
Ликовните дела кои ќе бидат продукт на оваа колонија ќе бидат изложени на централната прослава за 143- годишнината од Разловечкото востание која ќе се одржи во недела.