За посебен придонес во македонската кинематографија на костимографката Елена Дончева и монтажерот Димитар Грбевски денеска на пригодна свеченост Кинотеката им ги додели признанијата „Златен објектив“.

Директорот на Кинотеката Владимир Ангелов заблагодарувајќи им се на лауреатите за нивниот придонес во македонската кинематографија им ги врачи плакетите и пригодните значки – изработени во форма на минијатурни филмски камери, како заштитен симбол на кинематографијата – на Грбевски и на Јана Куновска, која го подигна признанието во име на Дончева. Грбевски, пак, им се заблагодари на присутните во киносалата исполнета со пријатели и почитувачи на нивните креативни достигнувања за укажаната чест.

Филмскиот критичар Стојан Синадинов во пригодното обраќање потсети на досегашните добитници на признанијата „Златен објектив“ кои се доделуваат по повод денот на Кинотеката и ги истакна креативните димензии на костимографијата и монтажата во создавањето филмови.

По презентирањето на био-филмографиите на Дончева и Грбевски, на присутните им се обратија и филмскиот режисер и професор по режија на ФДУ, Антонио Митриќески, и професорот по монтажа и декан на ФДУ, Лазар Секуловски. Митриќески говореше за неговите искуства од соработката со Дончева како костимограф на неговиот дебитантски игран филм „Преку езерото“, а Секуловски го портретираше Грбевски како негов и професор по монтажана на генерации студенти.

Присутните во фоајето на Кинотеката можеа да ја погледнат изложбата на костимографските решенија на Дончева од неколку нејзини филмски проекти, а потоа и да ја проследат пригодната проекција на краткиот документарен филм „Иларија“ на Грбевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2019 02:36