Излезе од печат најновото поетско остварување на македонскиот писател, битолчанецот Панде Манојлов, со наслов „Јужни реки“.
Книгата содржи 74 песни поделени на три циклуси „Тивкоод“, „Поле за сонување“ и „Омајниот вкус на татковината“, изјави за МИА, авторот Манојлов.
-Песните од оваа стихозбирка водат отворен дијалог со нашето денешно време и македонските збиднувања полни со патриотски призвук, иронизираат со општествените збиднувања, со прозаичното во политиката, укажувајќи притоа, дека македонското поднебје си е такво какво што си и е – македонско и секој треба да го чувствува омајниот вкус на татковината, посочи Манојлов.
Панде Манојлов, еден од најплодните македонски поети, е автор на 29 книги поезија, проза, книги за деца и млади и книга театарски критики. Со свои песни е застапен во повеќе антологии во САД, Кина, Индија, Франција, Бугарија, Палестина, Србија, Хрватска, Руската Федерација и други држави.
Стихозбирката „Јужни реки“, финансирана од Министерството за култура, ја издаде издавачката куќа „Силсонс“ од Скопје.