НУ Центар за култура-Битола вечер на матичната сцена, во големата кино сала, организира премиерна проекција на филмот „Манаки – приказна во слики” чиј автор е Роберт Јанкулоски.
Станува збор за истражувачка сторија која преку факти ја раскажува вистинската приказна за Јанаки и Милтон Манаки, филм кој открива интересни и досега непознати факти за фотографската работа на Браќата Манаки, првите балкански кинематографери.
Од НУ Центар за култура информираат дека во филмот ќе бидат презентирани оригинални документарни фотографии, почнувајќи од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина, преселбата на Браќата Манаки во Битола и други важни моменти од животот на Јанаки и Милтон Манаки.
Сценариото за филмот го изработија Илиндека Петрушева и Роберт Јанкулоски, а Јанкулоски воедно е и продуцент, режисер и кенематографер во овој проект. Монтажата ја изврши Блаже Дулев, музиката е на Горан Керкез, а дизајн на звукот реализира Дарко Спасовски.