Одбрани романи во пет тома од академик Божин Павловски, лауреат на меѓународната награда „Арка”, се објавени на српски јазик. Станува збор за романите: “Рогот на љубовта”, “Градинар, Пустина”, “Америка, Америка”, “Монахот од Тамнава” и “Убавицата и Мародерот” – во превод на Лилјана Стејиќ и Ристо Василевски и во издание на “Арка”.

Ова издание на романите од нашиот автор е проследено со есеи – поговори на угледните српски литературни критичари и есеисти: Марко Недиќ, Срба Игњатовиќ, Душан Стојковиќ и Миќо Цвијетиќ.

Инаку, романот “Америка, Америка” на Божин Павловски, кој ја понесе и наградата “Арка”, повеќе недели беше меѓу најчитаните книги во Белград и Србија. За “Убавицата и Мародерот” на Павловски му беа доделени интернационалната награда “Екселзиор” за унапредување на европската проза и Рациновото признание, додека “Рогот на љубовта” ја освои наградата “Стале Попов”.

Академик Божин Павловски е добитник на државната награда “11 Октомври” за животно дело во областа на уметноста.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/05/2019 11:57