Литературата и уметноста не признаваат јазични и територијални граници, а Македонската книжевна визита што традиционално во месецот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј се одржува во Софија, соседна Бугарија, во организација на Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје, тоа го потврди деновиве по 12. пат.
Бугарската културна јавност преку книжевниот портрет се запозна со творештвото на македонскиот романсиер, раскажувач, поет и издавач Димитар Башевски, беше презентиран најновиот број од списанието „Книжевно житие“ посветено на 25 современи бугарски автори, а на поетскиот митинг како највпечатлив дел од годинашното издание на оваа културна манифестација, во салонот на Софија – прес, свои стихови во пријатна и речиси свечена атмосфера интерпретираа македонски и бугарски книжевници од сите генерации. Реафирмација на веќе остварените пријателски, творечки и братски врски дојде од бугарскиот поет и претседател на Сојузот на бугарските писатели Бојан Ангелов и од името на БАН книжевникот Иван Гранитски.
Башевски, кому ова му е прв пат да учествува на книжевната визита, со себе понесува, вели, позитивни впечатоци од посетата, а цени дека манифестацијата претставува едно збогатување на книжевните и во рамките на тоа воопшто на културните комуникации и соработка со бугарската средина и посебно со бугарските писатели.
– Јас во една пригода во моето излагање на вечерта посветена на моите книги, моето творештво, реков дека не можеме да бидеме задоволни од она што е остварено досега во соработката меѓу нашите средини воопшто и дека многу ќе ми беше ќеф ако дојдевме со воз. Реков дека возот веќе стана на некој начин симбол на бавноста на нашите врски и односи, но сега сигурен сум дека доаѓаме до една поинаква ситуација. Го имаме овој договор за соработка меѓу нашите држави, така што се надевам дека она што било некогаш, а за што не би сакале да ја обвинуваме ни едната ни другата страна, бидејќи и на едната и на другата страна би можеле да се најдат мани и грешки, ќе мора двете средини, двете држави да најдат модус, што би рекле политичарите, да одиме напред во сите полиња, не само во оваа книжевна сфера, вели Башевски.
Тој вели дека и самиот може да посведочи дека оваа книжевна соработка, која трае подолго време, е во интерес на двете страни.
– Навистина, не е во интерес на едната или на другата страна. Се разбира, ние не можеме и не треба да бараме во нашите соработки со кого било реципроцитет во некакви грамови. Некогаш некоја година повеќе на едната страна ќе се објави или ќе се каже, другпат на другата, но општо земено јас сум оптимист и многу сум задоволен од реакцијата на публиката во Софија, од бугарската култивирана публика на реакциите искажани за моите книги и на реакциите искажани од мене самиот, вели Башевски.
За македонскиот поет, есеист и преведувач Зоран Анчевски, ова е прво учество на книжевната манифестација, а вели, го радува тоа што оваа визита се случи во многу порелаксирана атмосфера, особено откако се релаксираа и другите односи помеѓу двете држави.
– Особено ме радува што во таа релаксација многу помогнаа писателите и воопшто културолошките работници. Тоа исто така значи дека ме радува и фактот што сега веќе оние дистинкции што ги обременуваа културолошките односи меѓу двете култури и литератури сега се веќе издиференцирани или на пат да се издиференцираат докрај, така што тие дистинкции отсега натаму откако ќе ги препознаеме како такви повеќе ќе зближуваат отколку да разделуваат. Тоа го покажа и оваа книжевна средба каде што за мене беше многу пријатно искуство прв пат да размениме заеднички стихови со современи бугарски поети од различни генерации, посочува Анчевски.
Тоа исто така за него, вели, претставува и еден вид воспоставување книжевна мерка, да видиме до каде се нашите современи поезии, кои се развивале по патишта што ретко се допирале во последните 4-5 децении, па и повеќе.
– Затоа сметам дека овие средби се неопходни, треба да се развиваат уште повеќе во смисла да се случуваат не само еднаш годишно, туку да се возобновуваат на различни начини во различни форми по фестивали, дебати, дискусии, конференции итн., бидејќи она што е пропуштено ние мораме што е можно побрзо да го надоместиме и уште побрзо да ги развиваме нашите литератури. Според мене, многу е битно да имаме меѓусебни влијанија, бидејќи единствено така една литература и култура зрее нормално и стабилно, истакнува Анчевски.
За Ѓоко Здравески, кој ѝ припаѓа на помладата генерација македонски поети и преведувачи, првото учество на Македонската книжевна визита во Софија е едно многу убаво искуство и дека она што, според него, е очигледно е воспоставената пријателска врска помеѓу македонските и бугарските поети. Од друга страна, ова за него беше можност да се сретне со некои свои пријатели – поети кои ги среќавал на Струшките вечери на поезијата или на Ноќите во Велестово или во Скопје, каде што доаѓале на некакви резиденции. Дел од нив и преведувале наша поезија, дел од поезијата, вели, сме ја преведувале ние на македонски.
– Ова беше навистина убаво искуство и мислам дека овие физички средби се многу важни во оваа ера на виртуелна комуникација, која нужно отуѓува, бидејќи е само делумна. Кога ќе се сретнат вака луѓе физички, тука има сè. Има поглед, има глас, звук, има допир, има мирис, ја има целата содржина за разлика од само делумното значење што се пренесува во виртуелната комуникација кога комуницираме само преку зборови, смајлиња или стикери итн., подвлекува Здравески.
За тоа колку овие средби овозможуваат и непосредни контакти со потенцијалните издавачи на нивни дела, Здравески вели дека лично на оваа визита не исконтактирал со некој издавач, но, вели, во Бугарија читателската публика делумно го познава бидејќи дел од неговата поезија е преведена од Роман Кисјов и е објавена во една антологија на македонската поезија. Од Софија зел и една книга што можеби ќе ја преведе на македонски од бугарски од Борислав Христов, но и со примерок од преводот на украински на неговата збирка поезија „Дедикар Икарал“.
– Таа книга ми беше објавена во Лавов и конечно дојдов до примерок од книгата, вели задоволно Здравески.
Според поетот и критичар Бранко Цветкоски, кој е иницијатор на Македонската книжевна визита, книгоиздателството „Макавеј“ речиси две децении работи на темелно зближување на македонската и бугарската литература, на македонското издаваштво и македонските писатели, зашто демократското европско отворање меѓу земјите на Балканот е повеќе од насушен факт, а проникнувањето и меѓусебното збогатување на културите на балканските народи е потреба што се налага незапирливо и секој ден.
– Тоа е позитивна децениска реакција на негативната затвореност во односите меѓу Македонија и Бугарија речиси половина век претходно. Практиката покажува дека овој процес на соработка, преведување на најзначајните остварувања во двете земји, нивната промоција и афримација се вистинскиот пат и за зближување на луѓето, културите и народите. За среќа, овој проект трае и е позитивно прифатен со достоинствено признавање на двата јазика и тоа се случува речиси две децении пред политичкото одмрзнување на односите меѓу Македонија и Бугарија и пред потпишувањето на позната Спогодба за пријателство и добрососедство меѓу двете држави. Ете, културата и творештвото никогаш немале и не познавале граници и омраза – туку напротив, блискост, размена и прифаќање на разликите, афирмација на високите естетски дострели, каде било тие да се пројавуваат, вели Цветкоски.
Во изминатите речиси две децении, додава тој, „Макавеј“ особено ја развива копродукциската соработка со неколку бугарски издавачи и на тој начин врши афирмација на македонската литература во Бугарија. Досега на бугарски јазик се објавени дела од Рацин, Т. Георгиевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Митко Маџунков, Али Алиу, К. Ќулавкова, М. Јовановски, Ким Мехмети, Р. Лазаров, Б. Цветкоски, Т. Петровски, Блаже Минески, Милован Стефановски, Иван Џепароски, Јовица Тасевски-Етернијан, Лилјана Дирјан, Санде Стојчевски, Драги Михајловски и на уште дваесетина други македонски писатели.