Поетскиот митинг „Стихови за душата“ – централен настан на јубилејната 20. по ред Литературна манифестација „Илинден“ со учество на реномирани поети од земјава и од регионот се одржа синоќа во Домот на културата во Општина Илинден.

Градоначалникот на Oпштина Илинден, Жика Стојановски, како покровител на настнот во обраќањето пред присутните истакна дека Литературната манифестација зафаќа достојно место во просторот на културните збиднувања, и со сета своја автентичност остава белег и придонес за афирмација на културата во локалната самоуправа.

-Се гордееме што денес Општина Илинден е метропола на македонската и на балканската поезија, што овде во храмот на културата на Општина Илинден сме домаќини на повеќе од 30 македонски писатели и писатели од регионот, каде на едно место можеме да се запознаеме со најновите поетски достигнувања, истакна градоначалникот Стојановски.

На поетскиот митинг вљубениците во поезијата имаа ретка можност да слушнат стихови од 32 поети од нашата земја, Бугарија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Унгарија и од Монголија.

Во рамки на манифестацијата претходно се одржа и промоција на романот „Венецијанска бајка“ на младиот автор од Хрватска, Марко Павловски, за чие дело промотивна реч одржа македонскиот писател и литературен критичар Венко Андоновски.

– Во првиот момент кога го видов ракописот на хрватски и го видов неговиот обем, јас мислев дека најверојатно станува збор за некоја форма на минималистички пристап кон прозата. Дури откако го прочитав ракописот сфатив дека е точно она старо тврдење дека кога ќе ја видите книгата во обем вие фактички гледате илузија. Постојат книги кои се далеку потенки од оваа, како „Странецот“ на Алберт Ками, а всушност во вашата глава се претвораат во книги кои имаат повеќе илјадници страници. Она што сакам да го кажам е дека оваа книга воопшто не тежи 200-250 грама туку многу повеќе затоа што е високо компримирана проза со висок стилски дострел, истакна Андоновски, кој воедно и ја преведе книгата од хрватски.

На 20. јубилејна манифестација учествуваа: Гордана Михаилова Бошнакоска, Сретен Перовиќ (Црна Гора), Михаил Ренџов, Владимир Луков (Бугарија), Венко Андоновски, Арпад Колар (Унгарија), Раде Силјан, Ефтим Клетников, Паскал Гилевски, Летиф Намдагжанчивин (Монголија), Кристина Николовска, Ристо Василевски (Србија), Панде Манојлов, Лилјана Стејиќ (Србија), Марко Павловски (Хрватска), Димитар Пандев, Братислав Ташковски, Георги Барбаровски, Весна Дамчевска Илиевска, Виолета Танчева Златева, Филип Клетников, Марина Мијаковска, Ленче Милошевска, Борче Панов, Игор Крајчев, Кире Неделковски, Билјана Станковска, Мирјана Тренчева, Анита Бошкова, Ели Маказлиева, Стојан Тарапуза, како и македонско-хрватската поетеса Љерка Тот Наумова.

На сите учесници на манифестацијата градоначалникот Стојановски им додели бпризнанија за унапредување на културата и културните вредности, а посебно признание за ангажманот во културата доби академскиот сликар Новица Трајковски.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/05/2019 12:39