„Зимска приказна“ е првата премиера на штипскиот Народен театар за оваа сезона. Работена по текст на Вилијам Шекспир, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски, публиката ќе може да ја проследи премиерата утревечер на сцената на Народниот театар во Штип.
– Во центарот на оваа пиеса е сместено пријателството како тема, љубомората на еден човек во однос на еден свој пријател, со кој се сомнева дека неговата жена го изневерува. Пиесата е од жанрот романса, поконкретно трагедија со среќен крај, рече Ѓоргиевски.
Приказната во пиесата, дополни актерката Марија Минчова, до ден денешен е современа, каде можат сите да се препознаат на некој начин.
На денешната прес-конференција актерот Милорад Ангелов забележа дека ова е една од најзрелите претстави на Народен театар-Штип.
– Со ова Народниот театар-Штип покажува дека е пораснат и сериозен ансамбал. Затоа ѝ ветувам на штипската публика дека утревечер ќе проследат едно созреано актерско дело, рече Ангелов.