Во кумановскиот театар утревечер премиерно ќе биде прикажана монодрамата „Прво лице еднина“ од режисерката Драгана Гунин во изведба на актерката Владанка Димковска. Текстот е на Димковска, работен по мотивите на „Добра ноќ за бунтовни девојчиња“ од Елена Фавили и Франческа Кавало.
Актерката ќе прикаже повеќе женски ликови, ќе го прикаже патот на себепронаоѓање и ќе понуди одговори за уметноста.
– Станува збор за интимен процес, многу е лична претставата, зборува за себепронаоѓањето на актерката која како и сите уметници во државата се соочува со специфични услови, изјави на денешната прес-конференција, режисерката Гунин.
Актерката Димковска рече дека првпат игра во монодрама која на гледачите ќе им испрати порака дека никој, никогаш, не треба да се откаже од своите соништа.
– Многу е важно да се разбудат емоциите кај публиката-вели Димковска.
Проектот е финансиран од Министерство за култура на Република Северна Македонија во копродукција со Театар Куманово.