Со официјално писмо до претседателот на фестивалот и ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш, Министерството за култура на Република Франција извести дека oстанува покровител на фестивалите на кинематографиите на за земјите на Југоисточна Европа во Париз и Берлин, кои беа покренати уште во 2011 година, со цел интегрирање на балканските култури во Европа нашиот заеднички дом, како што велеше Таткото на ЕУ, Жан Моне.
Во досегашната историја на оваа манифестација која стана културен прозорец на новите имиња на синеасти кои за првпат ги презентираат своите остварувањаа во двата најголеми центри на Европа, досега се прикажани над стотина играни и поголем број документарни, кратки и анимирани филмови.
Покрај тековната фестивалска продукција, во соработка со Academia Balkanica Europeana, фестивалот ги воведе признанијата Легенди на Југосточна Европа во која ги вреднуваше опусите на режисерите Вељко Булајиќ, Душан Макавејев, Луцијан Пинтилие. Оваа година виското признание му припадна на познатиот српски режисер Боро Драшковиќ (SEE Film Legend 2019). Актерите Мики Манојловиќ, Мето Јовановски, Раде Шербеџија, Јон Карамитру, Емир Хаџихафисбеговиќ, беа досегашни добитници на признанието Актер на Југоисточна Европа, а оваа година добитик на ова престижно признание е познатата словенечка актерка Милена Зупанчич (SEE Actress 2019).
Од минатата година фестивалот покрена едно ново признание за животно дело во областа на филмската документаристика која го носи името на еден од најпознатите автори на документарниот филм во светот, Фредерик Росиф (1922-1990), роден во Цетиње, Црна Гора – близок пријател на Абер Ками, Жан-Пол Сартр и Ернест Хемингвеј, кој го помина поголемиот дел од животот во Париз.
Честа да ја понесе таа награда, „Гран При Фредерик Росиф 2019“ му припадна на легендарниот француски документарист Жак Перен. Наградата ќе му ја врачи професорот од Сорбона Фабрис Далмеида, на 28 мај во Голмиот аудиториум на ИНАЛКО, на Сорбона.
Наградата Европа Прима (Europa Prima 2019) ќе им биде доделена на познатите француски документаристи Жак Дебс и Мари Арно, за нивниот серијал „Манастирите на Европа“ во продукција на Арте, и на германскиот новинар, преведувач и публицист Рудигер Росиг. Добитници на признанието Личност на Југоисточна Европа (SEE Personality 2019) за особен придонес и поддршка на културата се Ирена Јакимовска од Комфи Ангел од Прилеп и Слободан Кутревски од Пекабеско, Скопје.
Овогодинешните изданија на SEE a Berlin и SEE a Paris, ќе се одржат во периодот од 23 до 31 мај, во престижното берлинско кино Кенингсштад во Берлин во соработка со Универзитетот Хумболт, како и на Универзитетот на Париз-Сите-Сорбон, кадешто ќе бидат прикажани повеќе играни, документарни, анимирани и кратки филмови од 15 земји од регионот на Југоисточна Европа.