Отворање Културно информативни центри во Република Северна Македонија и во Република Албанија е предвидено со Предлог-законот за ратификација на спогодбата меѓу владите на двете земји што беше прифатен на денешната владина седница.
Како што соопштуваат од владината прес-служба, со спогодбата се воспоставува правна рамка за основање културно-информативни центри, преку кои уште повеќе ќе се интензивираат релациите во сите дејности од областа на културата, презентација и афирмација на културите на двете земји, како и институционално поврзување на субјектите од Република Северна Македонија и Република Албанија што би резултирало со голем број заеднички проекти и иницијативи.
Отворањето на културните центри, се наведува во соопштението, ќе придонесе за популаризација и презентирање на традицијата, културата и уметноста на Република Северна Македонија, ќе овозможи навремено и изворно информирање на граѓаните за актуелните културни текови во двете држави и ќе претставува мост за зближување и заемно запознавање меѓу народите.