Во рамките на 47. Мајски оперски вечерва ќе биде изведено оперското ремек дело „Боеми“ од Џакомо Пучини, под диригентската палка на Оливер Балабурски и во режија на Дејан Прошев.

Операта e во четири чина, чие дејство се одвива во Париз кон крајот на 19-от век, а чие либрето се базира на „Сцени од животот на боемите” на Хенри Мургер. Публиката за миг ќе биде пренесена во париските поткровја каде неколку млади уметници и покрај сиромаштија и борејќи се за основните потреби на секојдневието (храна, огрев) живеат крепејќи се од идеалите и љубовта, а без скршена пара во џебот претендираат да живеат боемски.

Во улогата на Родолфо ќе настапи добро познатиот тенор Иван Момиров од Бугарија. Цветелина Василева од Бугарија со својот уникатен лирско – драмски сопран ќе ја изведе улогата на Мими.

Валдис Јансонс од Латвија ќе настапи како Марчело, Андреа Ѕаупа од Италија во улогата на Шонар, додека заводливата Мизета ќе ја толкува Катерина Стојановска, а Владимир Саздовски во улогата на Колин.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/05/2019 11:06