Измената на мерката за активен женски член во земјоделското стопанство од Програма за земјоделство и рурален развој 2018 -2022, направена со одлука на владина седница на предлог на Министерството за земјоделство во соработка со Министерството за труд и социјална политика сметаме дека е ефективна, изјави денеска Васка Мојсовска, претседателка на Националната федерација на фармери (НФФ).

Мојсовска појасни дека мерката најмногу е ефективна во делот каде овие средства се наменети за јакнење на жената од руралните средини и е наменета за инвестиции што ќе придонесат за развој на руралните средини.

Додаде дека претходната мерка 115 била навистина лошо дефинирана и дискриминаторска зашто како што рече, се покриваше до 70 отсто од износот на минималната плата и требаше да се исплаќа од периодот на раѓањето на првото дете до 50-годишна возраст.

– Условите беа дека жената треба да е во брак, да е мајка на едно дете, невработена, домаќинка и да живее на надморска височина од 700 мерти во населено место од 200 жители. Како што ни е потенциранo од Министерството за земјоделство, овие дискриминаторни услови се тргнати и сметаме дека со оваа мерка ќе се овозможи подобрување на економската положба на жената во руралните средини и вреднување на нејзиниот неплатен труд, како и поголемо вклучување во процесот на одлучување во рамките на семејното земјоделско стопанство, додаде Мојсовска.

Истакна дека НФФ ќе ја прати имплементацијата на оваа мерка и ќе ги следи критериумите и условите за аплицирање за да не бидат дискриминаторни.

– За оваа промена што сега е направена ние баравме да се реализира уште од 2014 година кога дискриминаторната мерка стана дел од старата четиригодишна Програма за рурален развој но не наидовме на конструктивен дијалог од страна на институциите. Имавме разговори со надлежните инститиции, поднесен е и извештај до Обединетите нации. Подршка добивме и од шведската фондација We Effcet, UN Women, Факултетот за земјоделски науки и храна. На Меѓународниот ден на руралната жена во октомври 2018 година потпишавме и Декларација за подобрување на социјалната и економска положба на жените од руралните средини со Министерството за земјоделство и Министерството за труд и социјална, така што сега сметаме дека овој пример е добар пример како треба да се лобира и коминицира помеѓу надлежните институции и невладиниот сектор за да имаме конструктивен дијалог и резултат, истакна Васка Мојсовска, претседателка на НФФ.

Националната федерација на фармери уште еднаш ги потенцира препораките на Обединетите нации, каде што е истакнато дека руралните жени мора да бидат вклучени во процесите на донесување на одлуките на сите нивоа во земјоделскиот сектор и руралните средини и во креирањето на земјоделските политики и политиките за рурален развој.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2019 16:50