Во вториот натпревар од финалето за разигрувањето за шампионската титула вечерва, струмичани забележаа победа од 3:0 против екипата на Шутова од Кичево, по сетови 25:23, 25:22 и 25:17. Со победата во финалето Џио Струмица ја освои седмата шампионската титула досега и го одбрани шампинскиот трон од лани.

До финалната победа шампионот не стаса лесно. Гостите од Кичево пружија силен отпор, посебно во вториот сет, кога имаа предност од четири поени. Но, во финишот на сетовите домашните одбјкари беа поконцентрирани и сосема заслужено поведоа со 2:0 во сетови.

Во третиот сет играта на кичевчани падна, а со силни и прецизни сервиси струмичани ги собираа поените.

Шампионскиот пехар и медалите на одбојкарите на Џио Струмица им ги врачија потпретседателите на ОФМ, Ивица Хаџи Иљоски и Љупчо Крстевски, а на вицешампионите градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски и претседателот на Советот, Марјан Даскаловски.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2019 07:20